
Вакцина којашто истовремено може да го заштити организмот од грип и од новиот коронавирус веќе минува низ фазата од истражување на лабораториски животни во рускиот Државен истражувачки центар за вирологија и биотехнологија „Вектор“, според податоците на регулаторното тело од вторникот.
Како што објави регулаторното тело, „научниот центар развива вакцина којашто е заснована на рекомбинантен вирус на инфлуенца А (грип А) , кој стимулира развој на заштитен имунолошки одговор од грип и од новиот коранвирус“ и „вакцината кандидат веќе минува низ фазата на испитувања кај лабораториски животни“.
Првите две серии на вакцината на „Вектор“ против коронавирусот потребни за спроведување на пострегистрациските тестови веќе се произведени и се подложени на контрола, се додава без наведување други поединости.
„Првите две пострегистрациски серии од вакцинта ‘Епиваккорона’ се произведени. Во моментов, се спроведува проверка во одделот за биолошка и техничка контрола“, се наведува во одговрот кој го добила агенцијата ТАСС.
Притоа од центарот истакнале дека точниот датум за почетокот на пострегистрациските истражувања сѐ уште не е утврден.
Во дописот се додава и дека центарот планира дел од дозите од својата вакцина против коронавирусот да пушти во цивилен промет. „Планирано е дел од вакцината паралелно со студиите по регистрацијата да се испорача за употреба во цивилниот сектор“, велат од „Вектор“ и додаваат дека „редица стански земји“ покажуваат интерес за оваа вакцина.
Центарот „Вектор“ на 24-ти јули доби дозвола од руското министерство за здравство за почеток на клиничките испитувања на вакцината врз волонтери, а првиот доброволец бил вакциниран на 27-ми јули. Последната група од 20 волонтери кои учествуваат во првата фаза од клиничките испитувања биле отпуштени од болница на 8-ми септември, а објавено е дека клиничките испирувања на вакцината завршиле на 30-ти септември.
На 14-ти октомври беше објавено дека вакцината на „Вектор“ добила потврда за регистрација и оти Центарот ќе започне со клинички испитувата во различни региони на Русија со учество на 40.000 волонтери, што е бројка доброволци според светските стандарди за испитувања на ваквите препарати во третата финална фаза.