
ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива на Албанците нема да учествуваат, на како што велат, корона-изборите во Штип и Пласница откако Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски, а градоначалникот на Пласница стана пратеник во македонското Собрание.
Ситуацијата со коронавирусот во нашата држава излезе од контрола. Македонија секојдневно се соочува со илјада заболени на ден, смртните случаи се зголемија, а власта на Зоран Заев го убeдува народот дека ситуацијата е под контрола.
Изборите во Штип и Пласница се закажани за 13-ти декември, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денес официјално ќе побараат нивно одложување поради, како што велат, корона кризата во Македонија.
– Не може власта да бара задолжително носење на маски, а да очекува партиите да водат нормална кампања. Не може да има забрана за собири на повеќе од четири лица, а Владата на Заев да очекува дека изборите во Штип и Пласница нема да го загрозат здравјето на граѓаните. Изборот за градоначалник на Штип со мандат од само 9 месеци може да почека, но заштита на здравјето на Македонија не смее да се занемари. ВМРО-ДПМНЕ никогаш порано и никогаш во иднина нема да води некрофилска политика. Мора да се однесуваме одговорно и граѓаните тоа го бараат од нас. Избори да, но не и по цена на животите на луѓето, изјави Стојановска.
На оваа изјава, во Штип партиите различно реагираат. Од СДСМ, кои завчера го објавија името на д-р Сашко Николов за кандидат за градоначалник на претстојните избори, сметаат дека сѐ додека најавата не се институционализира, ова е само медиумска најава.
– Ние работиме според законските рокови. Не можеме да зборуваме за одлагање сѐ додека нема официјално барање и одговор од институциите, изјави Александар Кангалов, претседател на Општинската организација на СДСМ во Штип.
Пред само неколку дена владејачката СДСМ излезе со свој кадидат со кој ќе настапи во Штип, по што следеа бурните реакции од опозициските партии и на дел од јавноста која смета дека во овој момент на Македонија најмалку и се потребни избори.
Против вакви избори се и опозициските партии на Албанците, Алтернатива и Алијанса на Албанците кои вчера со соопштение излегоа дека нема да настапат на изборите во Пласница.
Додека светот воведува се поригорозни мерки, држави како Франција, Германија, Грција… воведуваат целосни карантини, Зоран Заев по секоја цена сака да оди на избори, а со тоа го загрозува здравјето на граѓаните.