Во СЗО загрижени поради „ковид-експлозијата“ во Европа, повикуваат училиштата да останат отворени

Во Европа во моментов се случува „експлозија“ на бројките на заразени со коронавирусот и континентот не смее да попушти во борбата со пандемијата, рече во четвртокот директорот на еврoпската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО – WHO), Ханс Клуге, повикувајќи училиштата да бидат затворени само во краен случај.

„Сведоци сме на експлозија на бројот заразени во Европа, каде што во само неколку дена оваа бројка се зголеми за уште милион, а гледаме и дека смртноста постепено расте“, истакнува Ханс Клуге во разговорот за агенцијата AFP.

„Не можеме да се опуштиме, ова ќе биде помалку тежок период, мораме да признаеме“, додава Клуге.

Европската канцеларија на СЗО, која опфаќа 53 земји и територии, меѓу кои и е Русија, пријави повеќе од 11,8 милиони случаи на коронаинфекции и речиси 295.000 починати од избувнувањето на пандемијата, според податоците на организација.

Во последните седум дена пријавени се речиси 1,8 милиони новозаразени и 19.500 починати.

Според процените на СЗО, „со сеопштото носење маски и строгото контролирање на собирите до февруари во Европа може да спасиме повеќе од 261.000 животи“, вели Клуге.

„Статус-квото не е опција“ и оваа организација на Обединетите нации ги повикува земјите на примена на „насочени и сразмерни“ мерки за да се запре порастот на бројот на заразените и смртноста, додава.

Но училиштата треба да останат отворени „до крајот“ и да бидат затворани „само во краен случај“, оценува Клуге.

„Нема причини да се тврди дека училиштата се главниот пренесувач на заразите. Училиштата треба да останат отворени до крајот, бидејќи не можеме да си дозволиме цела една генерација да се загуби поради Covid-19“, вели Клуге кој е лекар по струка.