
Вистинските политичари, коишто се сметаат себеси за европски политичари мора да му дадат шанса на процесот и да најдат начин да се согласат. За тоа имаме и директна поддршка од канцеларката Меркел, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашањето дали е точно дека вчера во Софија им било побарано да се потпише нов документ со кој Македонија ќе се обврзе на решавање на прашањето на јазикот, идентитетот, историјата за Бугарија да и дозволи влез во Унијата.
– Вчера, навистина имавме конструктивни разговори во пријателска атмосфера, разговаравме како соседи, кои имаат намера да ја обезбедат европската иднина на регионот и се надевам дека така и ќе продолжиме – одговори премиерот Заев на новинарско прашање, дали во Софија било понудено да се потпише нов договор , со кој би се надминале отворените прашања, како што тврди бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.
Заев истакна дека искуството во преговорите со Грција го научиле дека, на Балканот, кога се работи за вакви прашања, вистинско решение мора да постои само ако двете страни од преговорите излезат како победници. Односно кога едната внимава на другата страна и обратно.
Во овој момент, додаде Заев, сè уште не сме стигнале дотаму во разговорите со Бугарија, но пред нас постојат услови за тоа.
-Тоа значи дека ќе продолжиме да разговараме, но не мислам дека тој процес треба да се случува преку јавни препукувања. Се разбира, ние ќе информираме суштински и на време за овие важни прашања, но нема да правиме шоу од овој сериозен момент за нашата европска иднина. Удирањето во гради е можеби атрактивно за домашната јавност и во двете земји, но не ја зголемува шансата за решение, и ние нема да го правиме тоа, секако и во периодот којшто претстои. Ние имаме свои јасни и прецизни позиции и ќе продолжиме да работиме со Бугарија во изнаоѓање на заедничко, победничко решение. Македонските идентитет и гордост сè и ќе останат големи како планина и без да мораме да правиме националистички спектакл од тоа – рече Заев.