(ВИДЕО) Виничани преку фирма правеле лажни брзи тестови за ковид-19

Полицијата разби група од Виница која незаконски продавала лажни тестови за ковид-19.

Станува збор за две лица на возраст од 35 и 46 години, кои заедно со фирма од Виница нуделе и продавале несоодветни брзи тестови, а по полициската акција се осомничени за незаконито земање и користење генетски и биолошки материјал.

Биле направени и претреси на повеќе локации, при што во домот на 46-годишниот виничанец биле пронајдени седум кеси со натпис „Ковид чек ТМ“ и едно шише од 2 милилитри со течност со натпис „Буфер“.

„Апелираме до граѓаните да им веруваат и да се обраќаат само на овластени медицински лица кои се матични лекари или епидемиолози на Институтот или Центарот за јавно здравје и да не наседнуваат на вакви измами, а МВР во координација со другите институции ќе ги санкционира ваквите појави, како што е случајот во Виница“, велат од МВР.

Информацијата за виничаните кои правеле лажни тестови вчера ја објави „Слободен печат“, според кој, лицата наплаќале по 1 000 денари од тест. Тестовите ги правеле одејќи по куќи, а на жртвите им давале стапче и лента за сами да си земат брис од нос и од грло, додека на други, пак, им барале сами да си земат крв и да капнат врз пластична лента на која се појавувале една или две линии кои „покажувале“ дали некој е заразен или не, слично на тест за бременост.