
На премиерот, Зоран Заев, попладнево во Берлин му беше врачена наградата за човекови права што ја доделува Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Маас, во своето обраќање на церемонијата посочи дека Зоран Заев влева надеж на една цела генерација на која, како што посочи, ѝ беше доволно од тоа постојано да се занимава со национализам и со една политика насочена повеќе кон минатото отколку кон иднината.
„Ти стана предводник на едно национално единство и врската со Европа. Ти ја зајакна правната држава и се бореше за независно судство, корупција, донесе достоинство и тоа беше првиот чекор до патот на Европа. Ти си влевател на надеж во многу нерешени конфликти на овој свет, чест ми е да ја врачам наградата на еден реформатор, далекуглед политичар и пред сè Европеец“, рече маас.
Премиерот Заев рече дека со мултилатералниот пристап земјата успеа да се издигне над проблемите и заедно со партнерите во Европската Унија и НАТО почна да закрепнува. Заев нагласи дека парите од наградата ќе ги донира во нашиот државен здравствен солидарен фонд во борба против ковид-19.
„Би лажел ако кажам дека изминатите четири години беа лесни. Не се, најпрво моравме да ја ослободиме држава од стегите на партизацијата и да донесеме професионализација, процес кој е голем, трае и ќе трае се до конечна слобода“, рече Заев.
Додаде дека двата договори со содедите се клучна алатка со кои историјата се користи за градење на иднината, за создавање на нови мостови на соработка.
„Човековите права и правото на самоопределување на секој граѓанин не може да бидат предмет на дипломатски преговори и договори. Тие се потврдени и гарантирани принципи на меѓународното јавно право и придобивките од истото. Затоа непобитен е фактот дека македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност“, рече Заев
Оваа награда ја посвети на сите генерации кои ја градеа и градат државата, и на секој кој дал придонес во формирањето цврсти темели на мирот и слободата.
Претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Курт Бек, кој му ја врачи наградата, потенцира дека голема е честа што наградата му се доделува на премиерот Заев, бидејќи, како што посочи, последните години со големо внимание следеле што направил тој за земјата.
„За ангажманот за заштита за човековите права, за сите важни одлуки кои ги презедовте е потребна храброст. Оваа награда е и благодарност и охрабрување, не само за носителот на наградата и за земјата, туку и општо за сите општества“, рече Бек.
Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија, нагласи дека Заев испишал историја, ја приближил земјата кон ЕУ и се насочил кон иднината, наместо кон минатото.