Скопје со најголем број заболени од Covid-19 и највисока инциденца, смртноста зголемена за над 35 отсто

Најновиот седмичен пресек на податоците поврзани со епидемијата на коронавирустот во земјата на Институтот за јавно здравје покажува дека во изминатиот седумдневен период бројот на потврдените зарази со вирусот е зголемен за 6,4 отсто во однос на претходниот пресек, додека бројот на смртните исходи како резултат на компликации предизвикани од Covid-19 во истиот период бележи раст од дури 35,4 отсто.

Во период од 9-ти до 15-ти ноември тестирани биле вкупно 20.980 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на вирусот SARS-CoV-2, со зголемување од 6,4 отсто во однос претходната седмица, и со нив се потврдени 7.355 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со незначително зголемување во однос претходниот седумдневен период, кога беа регистрирани 7.280 нови случаи, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Најголем дел од регистрираните случаи на зараза со коронавирусот и натаму се од Скопје (n=3.305; 44,9 отсто), со седмична инциденца од 535,1 на 100.000 жители. Во наведениот период, процентот на позитивните од тестираните лица изнесува 35 отсто, што претставува намалување за 2 процента во однос на минатата седмица.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1646, 22,4%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години (n=1496; 20,3%), 40-49 (n=1435; 19,5%), 50-59 (n=1410; 19,2%) и 20-29 (n=961; 13,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=120; 1,6%) и 10-19 години (n=287; 3,9%). Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.731 (50,7%) лица од машки и 3.624 (49,3%) од женски пол.

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 3.524 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11,6 отсто повеќе од една седмица претходно.

Пријавени се 172 смртни случаи од 23 града, што е зголемување од 35,4 отсто во однос на минатата седмица.

Во однос на возраста, 135 лица биле над 60 години, 26 лица на возраст од 50 до 59 години, 9 смртни случаи се пријавени од возрасната група од 40 до 9 години и два случаи во возрасната група од 30 до 39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 155 или 90,1 проценти.

Заклучно со 15-ти ноември пријавени се вкупно 47.636 случаи на Covid-19, односно инциденцата е 2.302,2 на 100.000 жители.

Според место на постојано живеење случаи на Covid-19 се регистрирани во 35 градови низ државата. Најголем дел од регистрираните се во Скопје, Тетово, Куманово, Штип и Прилеп, додека највисок морталитет се регистрира во Струга и Прилеп. Од градовите каде што е регистриран поголем број случаи, највисок леталитет се регистрира во Струга.

Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Штип со 4174,8 на 100.000 жители, Скопје (3.374,6/100.000) и Свети Николе (3.232,3/100.000), инциденца под 1.000 заболени на 100.000 жители е регистрирана само на територијата на Радовиш и Крушево.