
Едно лице е убиено, а две се потешко повредени во инцидентот во сараевско предградие – сторителите се мигранти по кои се трага, потврдија од босанското Министерство за внатрешни работи.
Полицијата потврди дека во инцидентот кој се случил вчера навечер во сараевско предградие, убиен е 36-годишен државјанин на БиХ со иницијали Ј.Б., а уште две лица се здобиле со тешки телесни повреди нанесени со нож.
„Според досега добиените информации, со убиството и тешките телесни повреди се поврзани три неидентификувани лица – мигранти“, стои во соопштението на сараевската полиција.
Порталот „Дневни аваз“ објави дека убиен е Јасмин Беровиќ. Според извор близок до истрагата, Јасмин настрадал откако се обидел да го одбрани својот брат кој бил нападнат од страна на мигрантите.

Инцидентот се случил во кафуле чиј сопственик е брат на убиениот. Тој имал расправија со мигрантите кои откако влегле во локалот, започнале да прават проблеми, а со оглед на тоа што не можел да се справи со нив, го викнал својот брат.
„Во еден момент настраданиот се свртел со грбот и бил избоден. Во нападот тешко е повреден неговиот брат кој моментално се бори за живот“, открива неименуван извор за босанските медиуми.
Како што пренесува „Дневни аваз“, мигрантите и претходно правеле проблеми во кафулето. Доаѓале да пијат, а потоа не ја плаќале сметката. Така било со денови.
Убиството ја разбрани босанската јавност, а граѓаните го изразуваат својот револт на социјалните мрежи, истакнувајќи дека Јасмин важел за исклучително мирен човек.