
Бројот на случаите на зараза со новиот коронавирус во Русија во четвртокот го мина прагот од два милиона, откако во последните 24 часа во 85 региони се регистрирани рекордни 23.610 случаи на коронаинфекции, и уште 463 нови смртни исходи, што е највисок показател на дневно ниво уште од пролетта.
Како што соопшти Оперативниот штаб за борба против ширењето на коронавирусот, и покрај тоа што во изминатото деноноќие бројот на оздравените од 25.573 пациенти е поголем од бројката на новозаразените, стапката на раст на инфекциите се забрзала последниот период на 1,2 отсто на дневно ниво.
Русија, којашто има 145-милионско население, според бројот на заразите со новиот коронавирус е на петтото место во светот зад САД, Индија, Бразил и Франција.
Од друга страна, пак, со 34.800 смртни случаи како последица на компликациите предизвикани од Covid-19, Русија е далеку зад повеќето западноевропски земји.
Главниот град Москва и околината, повторно се најпогодените региони со коронавирусот, и во последното деноноќие таму се потврдени 6.438 нови зарази. Поради тоа во престолнината се воведени рестриктивни мерки, кои го вклучуваат учењето на далечина за средношколците, ограничување на работата на баровите, рестораните и ноќните клубови.
И покрај неодамнешниот раст на бројот на заразите, како и во другите земји, и руските власти неволно се определуват за ново целосно „затворање“ стравувајќи од економските последици. Наместо тоа, наметнаа строги прописи за носење заштитни маски и ракавици, истакнувајќи ја важноста од одржување на личната и јавната хигиена, како и оддржувањето на социјалната дистанца и физичкото растојание. Некои региони воведуваат, пак, во зависност од тамошната епидемиолошка ситуација воведуваат насочени мерки со цел да се спречи ширењето на коронаинфекциите.