
Татјана Нанкова, професор по македонски јазик и литература пишува колумна за македонскиот јазик.
Истата ја пренесуваме во продолжение:
Разумно ли е, драги мои, дека македонскиот јазик не постои и дека тој е западнобугарски дијалект како што бара Бугарија со Меморандум до земјите-членки на ЕУ. Позицијата и намерата на Бугарија е отворена и јасна, а тоа е негација на македонската нација, македонскиот јазик и Македонија како земја со автохтона државност. Доколку се дозволи да биде прифатено барањето на Бугарија од Меморандумот, македонскиот јазик да биде претставен како официјален јазик на државата ќе бидат прегазени основните принципи на ЕУ, како што е и почитување на мултилингвалноста. Обезименувањето на македонскиот јазик во ЕУ не смее никако да се дозволи, а реалноста во ЕУ е дека јазиците треба да се именуваат.
Неотуѓиво и природно право на самоопределување и самоидентификација на секој народ, е гарантирано во Повелбата на Обединетите нации од 1945, во Универзалната декларација за човекови права на ООН од 1948 и во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и слободи од 1966 година. Да не ја заборавиме и Резолуцијата на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња во Атина 1977 г. на која македонскиот јазик е официјално признат на ниво на целиот свет. Македонското име, јазик, култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност се апсолутно, суверено, нераскинливо и неотуѓиво универзално колективно право на македонскиот народ, кое не може и не смее да биде дел од никаква странска билатерална агенда или мултилатерална преговарачка рамка за членство во било кој меѓународен сојуз или организација.
Сетете се кога во некоја странска земја ќе се сретнете некој сонародник Македонец. Одеднаш ќе си прозборите на својот јазик, ќе си кажете за она што ви е во душата, на душата и од душата. Нема ништо помило од она што ти е блиско, свое, мајчинско.
ЈАС СУМ ОНА ШТО знам дека сум, Македонка од Република Македонија, од родители Македонци, родум од Скопје. Сиот живот посветена на семејството и на многу други деца на кои им раскажувам за браќата Кирил и Методиј, за нивниот голем ум, мисиите, за првите македонски просветители и преродбеници, за собирачите на македонското народно творештво, за фолклорното богатство, дијалектите, литературното творештво бројните филолози, слависти кои работат на развивање и збогатување на македонската мисла.
Ова со јазикот го доживувам како нешто што лицата кои потпишуваат „братски, добрососедски договори” нам на чесните родољуби, Македонци да ни ја одземаат душата.
Почитувани македонисти,
Моментните „резултати” на злото се илузија и немаат иднина. Но, нашата генерација ја води битката да се сочува ова мало парче земја на југ кое остана од некогашната голема Македонија. Ве повикувам сите релевантни академски и научно-образовни инстутуции и поединците кои работат во МАНУ, Институтот за национална историја, Институтот за македонска литература, Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков, Институтот за фолклор Марко Цепенков, Универзитетите и Факултетите да СЕ ОДВАЖИТЕ И ОХРАБРИТЕ да ги презентирате научните аргументи за посебноста на македонскиот јазик, историски документи, јазични атласи за богатството на дијалектите во Македонија, за нашето културно наследство.
Зарем ќе дозволиме да нè обезличат? Малку ли е?
Оградете се, омеѓете се од бесрамната продажба на нашето најсвето за да не ве нарекуваат соучесници. Да дадеме отпор и борба против негирањето, злоупотребата и искривоколчувањето на историјата, јазикот, културата на Македонија и македонскиот народ. И, да не заборавиме дека прокламираниот стремеж за европеизација не подразбира губење или преземање на националната посебност.