
Членови на македонскиот дел од мешовитата македонско-бугарска историска комисија се оградија од она што го кажа премиерот Зоран Заев во интервјуто за Бугарската новинска агенција во врска со тоа дали Бугарија била или не окупатор во Втората светска војна.Тие се спротивставуваат на изјави кои содржат елементи на историски ревизионизам кој ги поткопува основните темели на Европа, пишува Дојче веле.
Првa реагираше Љубица Спасковска која на својот фејсбук профил апелираше политичарите да не коментираат теми коишто не ги разбираат.
„Како член на македонскиот дел од Комисијата, лично се оградувам и ги осудувам последните изјави на Премиерот и апелирам политичарите да се воздржуваат од тврдења и коментари со кои не се запознаени и не се од нивниот домен на познавања и експертиза“, напиша Спасковска.
За неа е особено спорна оценката на Заев дека Бугарите (не) биле окупатори во Македонија во Втората светска војна
„Во цела западна историографија и во доменот на јавна историја терминот окупација е општоприфатен и за улогата на Бугарија во Втората Светска Војна доволно говори мировниот договор потпишан со сојузниците вклучително и со Македонија како дел од Југославија во 1947“, наведува Спасковска.