
По Севилја и Челзи, пласман во осминафиналето од годинешното издание на Лигата на шампионите во вторникот вечерта изборија и повеќекратните европски шампиони Барселона и Јувентус.
Барселона во средбата од четвртото коло од Групата Г во Киев го победи домашниот Динамо со 4:0, впишувајќи ја четвртата победа. Сите четири погодоци Каталонците ги постигнаа во второто полувреме а стрелци неа Серхињо Дест во 51, Мартин Брајтвајт во 57 и 70 минута од пенал, а во судиското продолжение погоди и Антоан Гризман кој влезе во игра во второто полувреме.
Киевски Динамо повторно беше десеткуван поради коронавирусот, повреди и суспензии и настапи дури без 13 играчи од првиот тим. Меѓутоа, и Барселона настапи во доста изменет состав. Капитенот Лионел Меси и Де Јонг добија поштеди, додека поради повреди вон тимот се Роналд Араухо, Ансу Фати, Жерар Пике, Серхио Бусектс, Серхио Роберто и Самуел Умтити.
Јувентус, пак, многу помачно дојде до потврдата на очекуваниот пласман во следната фаза од натпреварувањето. Ференцварош во Торино до судиското продолжение одржуваше реми, но повторно слабата интервенција на голманот Дибуш ѝ донесе победа на „Старата дама“.
Унгарскиот шампион поведе во 19 минтуа со голот на Митро Узуни кој одлично се снајде по брзиот противнапад. Но радоста на гостите траеше 15 минути, кога израмни Кристијано Роналдо, а во втората минута од судиското продолжение Алваро Мората со глава шутираше во земја пред Дибуш, кој се сплетка и практично ја втера топката во сопствената мрежа.
Барселона води на мини-табелата со максимални 12 бодови, Јувентус има 9, а Динамо и Ференцварош по еден бод.
Во дербито од Групата Х, Пари Сен Жермен на својот стадион со 1:0 го совлада РБ Лајпциг и остана во игра за пласман во осминафиналето. Европскиот вицешампион во привите три кола освои само три бода и нов кикс ќе значеше дека ПСЖ сигурно ќе остане без пролетен дел во Лигата на шампионите. Сепак, Забитцер во 11 минута направи сосем непотребен прекршок над Анхел Ди Марија во самиот агол од својот шеснаесетник, а Нејмар беше прецизен од белата точка.
Манчестер Јунејтед, пак, немаше проблеми на својот „Олд Трафорд“ против Истанбул Башакшехир победувајќи со 4:1, со што се одлепи на врвот.
Манчестерските „Црвени ѓаволи“ уште во 35 минута имаа сигурно водство од 3:0 до кое дојдоа со головите на Бруно Фернандеш во 7 и 19, и на Маркус Рашфорд во 35 минута од пенал. Гостите го намалија водството од прекрасно изведениот слободен удар на Дениз Уруч во 75 минута, а конечните 4:1 ги постави Даниел Џејмс во втората минута од судиското продолжение.
Манчестер Јунајтед води на табелата со 9 водови, РБ Лајпциг и ПСЖ имаат по 6, а Истанбул е последен со три бода.
Во Групата Ф, Борусија Дортмунд и Лацио речиси рутински стасаа до победата. Германскиот претставник го совлада дома белгискиот Клуб Бриж со 3:0, а во Рим „Нераѕурите“ го победија руски Зенит со 3:1.
Два гола за Борусија повторно постигна норвешкиот млад голегерт Ерлин Халанд во 18 и 60 минута, со што стаса до бројката од шест погодоци во првите четири кола, а меѓу стрелците се впиша и Џејдон Санчо на истекот од последната минута од првото полувреме.
На мечот во Дортмунд му претходеше трагикомичен инцидент кога станува збор за врвни професионалци. Гостите настапија без еден од најдобрите свои играчи Емануел Денис кој отпадна од тимот поради недисциплина. Имено, кавга околу распоредот на седење во клупскиот автобус го чинеше нигерискиот напаѓач место во почетниот состав. Денис бесен излетал од автобусот откако му било кажано дека не смее да седи на неговото омилено место поради епидмиолошките мерки за физичка дистанца поради пандемијата на коронавирусот. Поради тоа и не отпатува на мечот во Дортмунд. Менаџерот на Бриж, Филип Клемент, изјави на прес-конференцијата пред мечот дека Денис е здрав, но дека нема да конкурира за натпреварот од дисциплински причини.
На римски „Олимпико“ Лацио поведе уште во 3 минута со фантастичниот погодок на Чиро Имобиле, а на 2:0 зголеми во 22 минута Марко Пароло. Само три минути подоцна Артем Дзјуба го врати во игра тимот од Санкт Петербург. Но во 55 минута Имобиле искусно изнуди лесен пенал кој го реализираше за повторна предност од два гола која домашните во препознатливиот италијански манир ја задржаа до крајот на мечот.
Борусија води со 9 бодови, Лацио има 8, Клуб Бриж 4 а Зенит само еден бод.
Претходно во пораните термини во вторникот со погодоци во судиските продолженија пласман во осминафиналето од Групата Е изборија Севилја и Челзи кои постигнаа идентични гостински победи од 2:1 над Краснодар односно Рен.
Челзи и Севиља се на двете водечки места на мини-табеалта со по 10 бодови, додека Краснодар и Рен се со по еден бод и во следните две кола ќе се борат за третото емсто кое носи пласман во нокаут фазата на Лига Еропа.