
Ако добрососедството е еден до главните приоритети и услови за влез во ЕУ, мислам дека соседите треба да се признаваат еден со друг. Без тоа, залудно е да отвораш други теми. Тоа подразбира дека соседите треба да си ги признаат малцинствата, ние тука во Македонија бугарското малцинство, а во Бугарија македонското малцинство, порача лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во гостување на Телевизија 24.
На прашањето на што ја темели својата изјава кога вели дека Бугарија сѐ уште има територијални претензии кон Македонија, Села вели:
„Ако некој ти оспорува идентитет и јазик, не знам што друго подразбира. Те блокира за да не бидеш дел од ЕУ, тука не тврдам дека може да се случи, туку треба некој да каже од тие што бараат, што ќе биде со оваа држава. Ова прашање не треба да ја блокира Македонија кон ЕУ, има примери и на други земји кои имале соседи и вакви спорови, па уште можеби не се решени, а се дел од ЕУ. Историските спорови треба да ги решаваат историчарите“, вели Села.
Тој вели дека Македонија треба да види и дали „нејзиниот двор е чист“, посочувајќи ја училишната литература од аспект на Албанците и албанскиот јазик како службен јазик во земјава.
„Дали имаме морално право да се повикуваме на нештата што ни ги оспорува Бугарија, кога ние самите себе си си оспоруваме јазици и други права на нашите граѓани тука. Кога некој од македонските политичари се жали на ставот на Бугарија зошто за македонскиот јазик инсистира да биде службен јазик, што не е во ред, треба овие политичари да одговорат како во Уставот на РСМ стои за албанскиот јазик – јазикот кој го зборува над 20 отсто од населението и кој е различен од македонскиот. Дворот во овој поглед не ни е чист. Ние треба да имаме став како држава во врска со ова прашање и овој начин на водење политика на владата која сака овој процес да го тера без опозицијата, не е тоа што треба да биде. Зборувајќи за историја, треба да се крене и прашањето за прашања во учебниците на децата во однос на историјата на Македонија. Ние имаме деца кои учат дека Албанците се дојдени од планина некоја дека се дојдени од Кафказ итн. Ај да ги решиме овие прашања. За да бидеме сплотени и да се соочиме и со соседите“, вели Села.
Овие прашања и спорот со Бугарија, според Села, треба да се разгледаат и на лидерска средба.
„Лидерската средба би била добар почеток, ако одиме директно во Собрание без лидерска знаете секој ќе излезе да се удира по гради и да се покаже кој е поголем патриот и наместо да се реши можеби ќе се комплицира спорот. Лидерска средба во кој опозицијата ќе се информира. Ние немаме информации што се случува во преговорите дали има и до каде се преговорите. Се што имаме информации е од тоа што слушаме по весници и од ЕУ. Не гледам изграден внатрешен став. Лидерската средба е добар почеток за заеднички став. Не треба тие ставови да се градат само од власта, туку да биде опфатена и опозицијата. Со решавање на проблемите со соседните држави да ги решиме и проблемите тука“, истакнува Села.