Заев за легализација на канабисот смета дека сме чекор понапред од СЗО, која завчера го тргна канабисот од листата на опојни дроги

Премиерот Заев ја поддржува идејата за легализација на марихуаната на некои места во Македонија, со цел, како што вели, развој на туризмот. Заев смета дека со легализацијата на маслото од канабис во минатиот мандат покажавме дека сме чекор понапред од СЗО која во текот на завчерашниот ден ја прифати препораката да го тргне канабисот од листата на опојни дроги со висок ризик.

Од здружението Макканабис бараат што поскора легализација, а обвинуваат дека тоа не се случува поради дневни политики.

„Оваа измена ќе придонесе за олеснување на барањето канабис и пораст на пазарот за медицински канабис, истакнуваме дека бројот на земји кои ја легализираа употребната на канабисот расте, а во земјава легализацијата е блокирана поради дневно политички пресметки.“

Идејата на премиерот Заев за легализација на марихуаната е за рекреативни цели, но како што вели, со почитување на соодветни стандарди. Со реализација на идејата, Заев, како што објасни, гледа можност за стимулирање на економијата, особено во делот на туризмот и угостителството.