
Оние кои ќе ја примат руската вакцина „Спутник V“ против коронавирусот ќе мораат да се воздржат од алкохол два месеци, изјави шефицата на руската Служба за заштита и надзор на потрошувачите „Роспотребнадзор“, Ана Попова.
– Консумирањето алкохол мора да престане најмалку две недели пред имунизацијата, а оние кои ќе ја примат првата доза мораат да се воздржат од алкохол во наредните 42 дена – рече Попова за Радио Космолскаја правда.
Попова, исто така, ги советува граѓаните да не пушат пред и по вакцинацијата, предупредувајќи дека чадот од тутунот ги иритира белите дробови и го намалува имунолошкиот одговор.
Како што пренесува „Москва тајмс“, по предупредувањето на Попова, шефот на државниот истражувачки центар „Гамалеја“, што ја разви вакцината „Спутник V“, Александар Гинсберг, рече дека и покрај тоа што не треба да се пие алкохол пред и по вакцинирањето, „една чаша шампањ никогаш никому не му наштетила“.
Кампањата за вакцинација на Русија почна викендов во Москва, а досега се проценува дека околу 100.000 Руси ја примиле „Спутник V“, вклучувајќи ги учесниците во истражувањето и припадниците на војската.