Македонија на дното по природни науки, според меѓународното тестирање ТИМСС

Република Северна Македонија во математичка писменост од 58 држави е на 45 место, а во природни наука сме подолу рангирани односно од 58 држави учеснички Северна Македонија е на 51 место. Ова го покажаа резултати од меѓународното ТИМСС тестирање спроведено во 2019 година, информира Министерството за образование.

Во математичка писменост најдобри постигања на тестирањата има Сингапур, па Хонг Конг, Кина, Јапонија… Во однос на земјите од опкружувањето нашите ученици се подобри во математика од учениците од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

– Резултатите од меѓународното тестирање ТИМСС ни давaат вистинска слика за тоа каде се наоѓа нашиот образовен систем на глобалната карта по математика и природни науки и колку нашите ученици се оспособени да го искористат сопственото знаење.  Тестирањето ни покажа дека како земја генерално имаме капацитет да создадеме квалитетно едуцирани генерации, но дека треба уште многу да се работи. Затоа веќе работиме на целосно нова концепција за основно образование која треба да го поттикне и изрази полниот потенцијал на секое дете. Исто така треба да создаде идни генерации кои нема само да меморираат факти туку ќе носат заклучоци базирани на анализа на факти – велат од МОН.

Според министерството, само преку ваков начин и пристап на креирање политики, оптимисти сме дека ќе продолжиме да одиме напред и на следното ТИМСС или било кое друго меѓународно тестирање на кое ќе учествуваме.

– Овие резултати треба да не мотивираат да го одржиме континуитетот во креирање и спроведување на длабински образовни реформи во секој сегмент, на секое ниво и од секој аспект. Затоа што, гледаме дека заложбите почнуваат да го даваат очекуваниот и проектиран позитивен ефект. А тоа е така, бидејќи политиките кои ги креираме се засноваат на објективни и кредибилни анализи и истражувања за тоа што навистина е потребно целосно да се промени, модифицира, да се воведе или евентуално отстрани од образовниот систем – велат од МОН.

ТИМСС тестирањето се спроведе минатата година, а Република Северна Македонија беше една од 58-те земји кои изразија интерес суштински да ги проверат постигањата на нашите ученици на десетгодишна возраст во математика и во природни науки.

TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите кои влијаат на тие постигања.

Интернационалната организација за оценување ИЕА го организира тестирањето, а во нашата држава го спроведува Државниот испитен центар. Нашата земја досега учествуваше во четири ТИМСС тестирања и тоа во ТИМСС1999, ТИМСС2009 и ТИМСС2011 со популација од осмо одделение и сега во ТИМСС2019 за прв пат со популација од четврто одделение. Резултатите од овие меѓународни студии секогаш служат за креирање на промените што треба да се случат во сферата на образованието.