
Владата на денешната седница го разгледа и усвои Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот со кој се предвидува извршување на усогласување на основниот текст на законот со позитивната законска регулатива со цел обезбедување прогресивно, праведно оданочување, а кој се предвидува да важи од 1 јануари 2022 година.
Со измените на овој закон, како што е соопштено, се зголемува за три пати стапката на данокот на имот за имотот кој сопственикот( правно или физичко лице) не го користи подолго од шест месеци во текот на една година.
Со одредби од овој Закон се пропишува и дека државата, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, како и физичките и правни лица кои нема да пријават дека одреден недвижен имот не го користат, ќе платат данок кој ќе биде за пет пати повисок од пропишаниот.
Оценето е дека со Предлог-законот се предвидува позитивно влијание врз буџетот на Единиците на локалната самоуправа.