
Бугарското вето беше една од темите на кои дебатираме вечерва во „Клик плус“ на ТВ 21 со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски го повтори ставот на лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев кој рече дека одлуката на Бугарија е тешка геостратешка грешка.
„Ние имаме една сериозна геостратешка грешка на Бугарија, која ги негира своите ставови, и мотото со кое претседаваше со ЕУ, а тоа е да направиме се за Балканот. Неотворањето на европската перспектива на земјите од Балканот, нема да донесе штета само на Северна Македонија и на Албанија, ќе нанесе сериозна штета и на Бугарија“, рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи смета дека стабилен Балкан, значи и стабилна Европа.
„Балканот е елемент за стабилност и на Европа. Сите знаеме што се случуваше во периоди кога имало било каков немир во земјите од Балканот“, додаде Спасовски кој рече дека земјата и понатаму ќе биде посветена на европскиот пат, и дека нема алтернатива членството на Европската Унија.