
Засега не се препорачува вакцинирање на деца, а се смета дека и луѓето коишто го прележале Covid-19 и имаат антитела се доволно заштитени и не треба да бидат во групата за вакцинација, истакна во вторникот министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата на која беа објавени новите рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници.
Филипче додаде дека ова го вели со резерва, со оглед на тоа што постојано пристигнуваат нови информации и се прават анализи во врска со вакцините и антителата кај оние кои ја прележале болеста, така што е можно во периодот што следува да има измена во овие ставови.
„Тука се поставува и едно друго прашање, дали ќе има некакви сертификати за вакцинираните. Тоа е едно прашање коешто го следиме и за коешто интензивно комуницираме со Светската здравствена организација. Можно е да се бараат при патувања, од авио компании, на граници и тн. Така што, за сега овие се ставовите, но можно е да има и нови препораки“, рече министерот Филипче.