Дел од средношколците ја бојкотираат наставата поради државната матура

Матурантите од повеќето скопски гимназии се приклучија на иницијативите за бојкот на онлајн наставата – бараат укинување на државната матура за оваа учебна година или наместо 4 да полагаат само два предмети.

Според информациите на Канал 5 учениците од гимназиите Никола Карев, Ѓорѓи Димитров, Корчагин и Јосип Броз веќе неколку дена не ја следат наставата. Очекуваат од утре во бојкотот да се приклучат и од Орце Николов, Борис Кидрич и ГУЦ. Матурантката Тијана Величковска од гимназијата Никола Карев вели дека оправдани се нивните барања воопшто да не се полага државна матура поради ковид епидемијата и неможноста за квалитетно следење на наставата.

Од Сојузот на средношколци тврдат дека бојкотот на скопските гимназии не е на нивна иницијатива, туку на други неформални здруженија на матуранти. Од Сојузот веќе преговараат со МОН да полагаат само два предмети со полесни прашања.

Од МОН се запознаени со отпорот и барањата на матурантите. Но според нив станува збор за изолирани случаи на изостанување од онлајн настава кај учениците од 4 година.Сепак, остануваат на ставот дека државната матура е законска обврска и мора да ја има.

Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка за испитите, но токму затоа ги повикуваме матурантите, низ заеднички дијалогда понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка, велат од МОН.

Министерството за образование и наука најави промени во концептот на државната матура кои би се применувале од 2021/2022 година, а ќе се прават во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците.