
Антонио Милошоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување на ТВ21 истакна дека тврдењата на Бугарија се неосновани и ирелеватни.
„Мислам дека тврдењата на официјална Софија не се основани и припаѓаат на историското минато и не отвараат перспектива за сегашноста и иднината и во тој контекст сметам дека се ирелевантни и можеби се дел би рекол од нивната предизборна реторика. Но од друга страна, она што ме загрижува, е што после потпишувањето во 2017 година на договорот за добрососедство од страна на Заев и на Борисов, ние во изминативе 3 години помеѓу Македонија и Бугарија имаме полошо ниво на односи, поголема тензија и поголема нетрпеливост, отколку состојбата која што беше помеѓу Македонија и Бугарија пред 5, 7 или 10 години, рече Милошоски.
Тој додаде дека овој договор е потпишан брзоплето од страна на Заев и дека опозицијата тогаш ги опомена дека еден ваков договор нема да ги реши проблемите, туку ќе создаде нови.
„Договорот е прекршен, но се смета дека е прекршен во моментот кога една страна ќе каже дека тоа е направено и ќе превземе правна мерка. Доколку македонската влада смета дека договорот е прекршен треба да ја извести официјално бугарската влада за тоа, но гледаме дека македонската влада молчи. Според мене договорот не требаше да се потпише така брзоплето и како опозиција укажавме дека ваквиот договор наместо да ги решава проблемите, може да создава нови, што за жал испадна дека е точно, нагласи Милошоски.