Грозданова првите вакцини ги очекува до крајот на јануари 2021

Преку КОВАКС механизмот добиваме само 20 проценти од потребните вакцини, посочи д-р Александра Грозданова, претседателката на комитетот за имунизација во вечерашното гостување во Топ Тема на Телма. Таа појасни дека преку тој механизам Македонија ќе добие 833.000 дози на вакцини, кои сукцесивно ќе доаѓаат во првите месеци од 2021 година.

– Кога точно ќе дојдат зависат од повеќе фактори. Во моментов во светот се побаруваат над 2 милијарди вакцини. Нашите очекувања се дека првата тура вакцини од ЕК ќе ја добиеме до крајот на јануари, оние преку Бугарија, додека преку КОВАКС механизмот, очекуваме дека во февруари веќе ќе ги имаме првите количини. Што не значи дека сите 833.000 дози ќе ги добиеме наеднаш. Беа најавени сукцесивни испораки и ние се подготвуваме за таков начин на вакцинација – рече д-р Грозданова.

Покрај ова, претседателката на комитетот за имунизација појасни дека земјава бара и други слични механизми како КОВАКС, преку кои да ја обезбеди потребната количина на вакцини.