Ирска и Јапонија пријавија појава на новиот сој на коронавирусот

Здравствените власти на Ирска и на Јапонија во петокот ги пријавија првите случаи на зарази со новиот сој на коронавирусот кој започна да се шири од Лондон и југоисточна Англија а во редица земји веќе го идентификуваат како „британски вирус“.

Јапонија потврди дека новиот сој на коронавирусот е откриен кај пет лица кои претходно седмицава допатувале во земјата од Велика Британија, објави службената информативна мрежа NHK, цитирајќи го министерот за здравство Норихиса Тамура.

Сите заразени се вратиле во Јапонија на 21-ви декември, рекол министерот Тамура. Тројца од нив пристигнале преку меѓународниот аеродром Кансаи во Осака, а уште двајца преку аеродромот Ханеда во Токио.

Речиси истовремено во петокот вечерта, главниот епидемиолог на Ирска, Тони Холохан, објави дека во земјата е потврдена заразата со новиот мутиран сој на вирусот SARS-CoV-2.

„Можам да потврдам дека ја откривме новата ‘британска’ варијанта на Covid-19“, изјавил Холохан, додавајќи дека заразата била потврдена од виролозите во лабораторијата на Даблинскиот универзитет.

„Натамошните тестови во наредните денови и седмици ќе го утврдат степенот на ширњето на овој вирус во земјата“, изјавил Холохан за ирските медиуми.

Во Ирска во петокот беше објавено дека како последици од компликации предизвикани од коронавирусот починале уште две лица, со што вкупниот број смртни исходи од почетокот на епидемијата достигна 2.194. Бројот на инфекциите пак се зголемил на вкупно 84.098.

Претходно седмицава ирските власти воведоа задолжителен 14-дневен карантин за сите лица кои пристигнуваат од Обединетото Кралство.

Во четвртокот Германија, исто така, ги пријави првиот потврден случај на зараза со новиот сој коронавирус (кој ја носи ознаката B.1.1.7), кај жена која допатувала во Франкфурт преку лондонскиот аеродром Хитроу. Сингапур, исто така, во четвртокот потврди дека го регистрирал првиот случај на зараза со новиот сој на коронавирусот. Претходно, вакви случаи пријавија Италија, Холандија и дури девет во Данска, и сите се поврзани со престои во Лондон или југоистокот на Англија.

Откривањето на новиот сој на коронавирусот на 14-ти декември го потврди британскиот министер за здравство Мет Хенкок. Советодавната комисија за нови закани од појава на респираторни болести при британската влада соопшти дека новата мутација на коронавирусот се шири со многу побрзо темпо и бара многу поголема претпазливост.

Иако, новиот сој на вирусот, според прелиминарните процени е до 70 отсто позаразна од неговата „оригинална“ варијанта, засега нема показатели кои би сугерирале дека тој е посмртоносен или влијае врз раст на хоспитализациите и потешките форми на Covid-19.