
Коментари, предлози и сугестии за новата Концепција за основно образование можат да се пражаат до 20 јануари 2021 година, се наведува на интернет страницата на Министерството за образование и наука.
Предлозите за подобрување на документот треба да се испратат на мејл адресата – [email protected].
Новата Концепција предвидува интегрирање на научни дисциплини, помалку задолжителни, а повеќе изборни предмети, повеќе време во училиште и фокус на формативно наместо сумативно оценување. Планот е новиот концепт да започне да се имплементира од следната учебна година кај основците од 1-во и 6-то одделение.
Една од главните новини е тоа што Концепцијата предвидува комбинирање на повеќе научни дисциплини, кои досега се изучуваа посебно. Па така се предвидува групирање на предметите биологија, хемија, физика и дел од физичката географија во еден предмет – природни науки, додека предметите историја, дел од географија и граѓанско образование би се здружиле во друг предмет – општествени науки. Исто така предметите музичко и ликовно би се здружиле во уметничко образование, а техничкото образование и информатика би требало да се спојат во еден предмет – техника, технологија и информатика.
Повеќе институти и студентски организации изминатава недела изразија негодување со предложената Нацрт-концепција. Вчера студенти од Институтот по историја при Филозофскиот факултет организираа и герила акција на Кампусот на УКИМ со кој се спротиставија на предложените промени во основното образование.
Од МОН потенцираат дека Концепцијата е дел од Стратегијата на МОН во периодот 2018-2025 и дека документот во моментов е во фаза на јавна дискусија, а по нејзино усвојување ќе следува процес на изработка на наставни програми, а на крај и наставни материјали за секоја од програмите во кој ќе бидат вклучени сите соодветни експерти.