
Кинеската државјанка Жанг Жан, која известуваше за почетокот на пандемијата на ковид-19 во Вухан, е осудена на четири години затвор.
Жанг, која е граѓанска новинарка и поранешна адвокатка, беше осудена на кратко судско рочиште во Шангај и беше прогласена за виновна за „поттикнување кавги и немир“ со известувањето за почетокот на епидемијата, јави нејзиниот адвокат.
Нејзините критички извештаи беа широко споделувани на социјалните мрежи и привлекоа внимание кај властите кои казнија осум „свиркачи“, кои ја критикуваа реакцијата на властите во Кина по појавата на коронавирусот.

Жанг во февруари објави текст во кој напиша дека владата не им давала на луѓето доволно информации, а потоа едноставно го затворила градот.
„Тоа е сериозно кршење на човековите права“, напиша таа.
Судот соопшти дека таа ширела лажни коментари на интернет.
Триесет и седумгодишната Жанг беше приведена во мај, а неколку месеци штрајкуваше со глад. Нејзиниот адвокат алармираше дека таа е во лоша здравствена состојба.