
Американскиот републикански претседател Доналд Трамп го престигна својот демократски претходник на должноста Барак Обама и стана машки лидер кој најмногу одушевува, а поранешната прва дама Мишел Обама повторно е жената лидер која најмногу восхитува, покажува истражувањето на Gallup за 2020 година.
Претходната 2019 година Трамп и Обама ја поделија водечката позиција како мажи кои предизвикуваат најмногу восхитувања. Обама беше прв во оваа истражување веќе 12 пати, додека Трамп е првпат на врвот, иако и порано бил меѓу првите десетмина. Поранешната прва дама, Мишел Обама, пак, по вторпат е на чело на листата жени кои предизвикуваат најголем восхит.
Имено актуелниот американски претседател вообичеано е првата личност којашто им паѓа на ум на испитаниците кога Gallup ги прашува Американците да ја наведат, без никакви ограничувања на географското или друго потекло или професија, личноста на којашто најмногу ѝ се восхитуваат. Во сите 74 анкети коишто ги спровел Gallup од крајот на 1946 година, актуелниот претседател на САД дури 60 пати бил на врвот на оваа листа. Но Хари Труман (1946-1947 и 1950-1952), Линдон Џонсон (1967-1968), Ричард Никсон (1973), Џералд Форд (1974-1975), Џими Картер (1980), Џорџ В. Буш (2008) и Доналд Трамп (2017-2018) биле актуелни претседатели кои не завршиле како први во изминатите години од правењето на овој рејтинг.
Според новото истражување, 18 отсто од Американците рекле дека најмногу му се восхитуваат на Трамп, 15 отсто од анкетираните рекле дека одушевување кај нив предизвикува Обама, само 6 отсто новизбраниот американски претседател Џо Бајден и 3 отсто најголемиот стручњак за заразени болести во земјата, Ентони Фаучи.
Во првите десетмина е и папата Франциск со понизок рејтинг, основачот на копанијата „Tesla“, Илон Маск, американскиот сенатор и двапати неуспешен демократски кандидат за претедателска номинација Берни Сандерс, основачот на „Microsoft“, Бил Гејтс, НБА кошаркарската ѕвезда Леброн Џејмс и будистичкиот лидер Далај-лама.
Од испитаниците кои се определиле за Трамп, 48 отсто биле републиканци, додека за Обама 32 отсто се декларирани како демократи од испитаниците, што е за 9 проценти помалку отколку минатата година.
Кога станува збор за првото место во рангирањето на „највосхитувачките жени“ со 10 отсто од испитаниците водечка е Мишел Обама, а на второ место е избраната потпретседателка на САД, Камала Харис, додека на третото место е актуелната прва дама Меланија Трамп.
Меѓу привете десет жени кои ги одушевуваат Американците се и телевизиската водителка Опра Винфри, германската канцеларка Ангела Меркел, поранешната прва дама, шефица на дипломатијата и неуспешен претседателски кандидат Хилари Клинтон, американската политичарка Алескандрија Оказио-Кортез, новоизбраната судијка во Врховниот суд на САД, Ејми Кони Барет и шведската тинејџерка еко-активистка Грета Тунберг.