
На денешната собраниска седница пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во пратенички прашања во Владата ги праша владините претставници и премиерот Зоран Заев, каде се парите на граѓаните, односно каде отидоа 1 милијарда и 600 милиони евра, а не се трошат пари за здравство, инфраструктура, а нема ни капитални инвестиции.
– Пред неколку денови се усвои Буџетот за 2021, во кој буџет предвидената дупка е некаде околу 600-тини милиони евра по услов да остане таа проекција, за што се сомневам и мислам дека за жал ќе биде повисока, ако ја додадеме дупката од 1 милијарда евра во тековната 2020 година, вкупно за 2020-2021 година имаме дупка од 1 милијарда и 600 милиони евра што е најголемата кумулативна во два буџети во историјата на независна Македонија – вели Николоски.
Николоски посочи дека иако имаше најави од страна на власта дека парите од буџетот ќе се трошат за здравствена заштита, вели дека Буџетот за здравството е зголемен само за 59 милиони евра и толку е планирано во 2021 година на исто ниво како во 2020 година, кумулативно за двете години ќе се потрошат за здравство само дополнителни 118 милиони евра, а вкупната дупка во буџетот е 1 милијарда и 600 милиони евра.
– Во услови кога нема посериозни инвестиции, нема изградба на автопати, изградба на железничка пруга или други зафати,а гледаме зголемување на ставката стоки и услуги која споредбено со 2019 година е зголемена за 83 милиони евра и е на ниво оваа година од 347 милиони евра, во услови кога нема болнички кревети, како и во услови кога граѓаните земаат кредити за да се лечат на приватни болници затоа пто нема услови во државните болниците, недоволно се трошат средства во здравството, а гледаме дека не се трошат пари ниту во инфраструктура, прашањето кое ми го поставуваат граѓаните е каде се парите ? – праша Николоски.
Николоски ги праша претставниците на власта каде отидоа 1 милијарда и 600 милиони евра во 2020 и 2021 а недоволно отишле во здравство, не ги гледаме во инфраструктура, а нема ни капитални инвестиции, каде се парите на граѓаните? – праша Николоски од собраниската говорница.