ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Филипче поради понижување на лекарите во партиска пропаганда

Во секоја нормална држава злоупотребата на лекари во политички цели ќе резултира со оставка на министерот веднаш. Наместо да ги остави лекарите да си ја работат работата и да спасат човечки живот тие ги малтретираат да бидат статисти во видеа. Уште колку понижувања треба да трпат лекарите? Уште колку ниско може оваа власт на чело со премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче да падне, за само да се одржат неколку лица на своите функции?, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Вчера на социјалните мрежи беше поставено видео во кое жени облечени во рекламни маички на СДСМ влегуваат во медицинска установа, каде лекари и друг медицински персонал подреден во строј ги чека и се принудени да бидат дел од кореографијата за потребите на политичкото видео. Нема поголем доказ за партизацијата на институциите и целиот систем од принудувањето на лекарите да бидат спотери во видео за потребите на СДСМ“, велат од партијата.

Филипче, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, треба веднаш да си поднесе оставка, затоа што ги злоупотреби лекарите за политичко видео за Зоран Заев.

„Во време на пандемија, кога цел свет стравува и се губат животи секоја минута, а само во Македонија до сега починаа 2500 луѓе, а заразени се вкупно околу 83.000, Филипче го злоупотребува медицинскиот кадар. Филипче нема што да чека. Ја понижи медицинската фела. Поголем срам од ова не е можен. Најмалку што може да направи е да си замине“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.