Ревизија на мерките на ЕУ за реформи во владеењето на правото на Западен Балкан

Европскиот ревизорски суд почна процена на ефикасноста на мерките на ЕУ за поддршка на владеењето на правото во земјите од Западен Балкан.

Европскиот ревизорски суд соопшти и дека за реформите во областа на правосудството за земјите од Западен Балкан се издвоени околу 700 милиони евра во изминатите седум година, што е 16 проценти од вкупната билатерална помош на ЕУ за регионот.

Во соопштението испратено од седиштето на Европскиот ревизорски суд во Луксембург, се наведува дека владеењето на правото е основна европска вредност и еден од основните критериуми за членство во Европска Унија.

„Целта на ревизијата, што започна, е да се утврди колку овие мерки биле ефикасни во зајакнувањето на владеењето на правото на Западен Балкан. Ревизорите посебно ќе испитуваат дали поддршката од ЕУ за владеење на правото е добро осмислена, употребена за решавање на идетификуваните клучни проблеми и дали довела до конкретни и одржливи подобрување, во согласност со стандардите на ЕУ“, се посочува во соопштението.

Резултатите од истрагата ќе бидат познати кон крајот на годината.