Во Србија почна имунизацијата со вакцината Спутник V, први ја примија Дачиќ и Вулин

Претседателот на српскиот Парламент Ивица Дачиќ, министерот за внатрешни работи Александар Вулин и државниот секретар во Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек ја примија руската вакцина за коронавирус Спутник V во Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ во Белград.

Во следните месеци се очекува голема испорака на договортените два милиона дози од руската вакцина „Спутник V“, соопштија од владата на Србија, потврдувајќи ги претходните написи на руските медиуми.

Набавката на руските вакцини е благодарејќи на договорот меѓу спрската влада и рускиот фонд за директни инвестиции. Според најавите, вакцините за Србија ќе бидат произведени во соработка со странските партнири во Индија, Кина, Јужна Кореја и други земји. Првите дози од „Спутник V“ стасаа во Србија на 30-ти декември, а денеска започна имунизацијата со оваа вакцина.

Дачиќ изјави дека тој и министерот Александар Вулин биле вакцинирани само за да им дадат пример на другите граѓани.

„Вакцината мора да има две основни својства, според заклучоците во Европската унија и Светската здравствена организација – да биде ефикасна и безбедна. Наше не е да разговараме сега за стручни прашања. Дека вакцинацијата е неопходна и плодотворна, покажуваат и примерите на некои големи болести кои беа искоренети благодарение на неа. Против Ковид можеме да се бориме со вакцини ако тие се ефикасни и безбедни. Сметам дека би било сосема погрешно да се појавуваат теории на заговор што можат лошо да влијаат на јавното здравје“, изјави Дачиќ.

Според најавите, оваа недела во Србија треба да се дадат 2.400 дози вакцина Спутник V.

Инаку, на 24-ти декември, премиеката Ана Брнабиќ, министерката Дарија Кисиќ Тепавчевиќ и епидемиологот Предраг Кон беа први кои се вакцинираа против короната, а ја примија вакцината на „Pfizer/BioNTech“.

Тогаш започна вакцинацијата на корисниците на домови за стари лица, а од вчера и здравствените работници примаат вакцина против короната. Планот е да се вакцинираат 11.000 лица до крајот на неделата.