
Бројот на смртните исходи како последица од компликациите кои ги предизвикува коронавирусот во Бразил надмина 200.000, соопшти во четвртокот тамошното министерство за здравство, потврдувајќи ги трагичните димензии на епидемијата во земјата со втората најголема смртност на светот, во моментите кога вирусот повторно се засилува.
Во Бразил во четвртокот се регистрирани рекордни 87.843 нови случаи на коронавирусот, со 1.524 смртни случаи, соопшти министерството. Од почетокот на избувнувањето на епидемијата, во земјата заразени се речиси 8 милиони луѓе, додека 200.498 починале.
Критичарите го обвинуваат за тоа пристапот на претседателот Жаир Болсонаро, кој постојано изразува скептичност за опасноста од вирусот.
Во текот на божикните и новогодишните празници многу Бразилци не ги почитуваа препораките за социјално дистанцирање и го посетуваа пријателите и пошироките семејства, додека други, како претседателот Болсонаро поитаа на плажите, па се очекува дека бројот на заразените и почиантите поторно може да се зголемува.
Министерот за здравство Едуардо Пазуељо во четвртокот изјави дека земјата се наоѓа во вториот бран од епидемијата.
„Во името на претседателот Жаир Болсонаро, министерството за здравство и сите сојузни влади, сакаме да му изразиме сочувство на секое семејство коешто ги загубило најмилите“, се наведвуа во соопштението на министерството.