Камиони ладилници како привремени мртовечници за починатите од коронавирусот во Калифорнија

Американската сојузна држава Калифорнина во петокот дистрибуирала најмалку 166 камиони ладилници кои ќе служат како привремени мртовечници за да се справи со недостигот од капацитети на преоптоварените болници поради големиот број починати како последица од компликациите кои ги предизвикува коронавирусот SARS-CoV-2.

Властите во Калифорнија се обидуваат да ја закрепнат државата од пандемијата на коронавирусот, но само минатата седмица од Covid-19 починале 2.500 лица, далеку најмногу отколку во која било друга американска сојузна држава, па калифорниските мртовечници се исполнети.

Зголемувањето на бројот на заразените во Калифорнија и воопшто во САД беше забележан и пред празникот Денот на благодарноста по кој ширењето на вирусот поради собирите на поширокото семејство само дополнително забрза, но сега Калифорнија по прославувањата на Божик и Нова година, се подготвува за нов драматичен раст на бројот на заразените. За поголемиот дел од Калифорнија, вклучително и Лос Анџелес, важи мерката „затворање“ и наредбата населението да не ги напушта своите домови без особена потреба.

Голем број камионски приколки со уреди за разладување и ладилници морале да бидат модификувани за во нив да бидат одложени што поголем број тела. Бидејќи ваквите возила не се предвидени да служат како мртовечници, во нив се надградени полици за да се удвои нивниот капацитет.

Марк Гилардучи, директор на службата за вонредни состојби, порача дека „планот за управување со масовната смртност“, меѓу другото, подразбира и дека со телата се постапува со „почит и достоинствено“.

Припадниците на калифорниската Национална гарда оваа седмица како испомош се испратени во Службата на судска медицина во Лос Анџелес каде што од коронавирусот на секои 15 минути умира едно лице.

Мртовечниците и компаниите за погребални услуги ги одбиваат барањата на ожалостените семејства, бидејќи ги исцрпеле своите капацитети за прифаќање на починатите, известува весникот The Los Angeles Times.

Болниците во Лос Анџелес се толку преоптоварени, што на службата за итна помош ѝ е советувано да не превезува пациенти чиишто шанси за преживување се изразено мали.

Слично ангажирање на камионите ладилници како привремени помошни мртовечници изведоа и властите на Њујорк а во ноември 2020-та весникот The Wall Street Journal објави дека околу 650 тела на лица кои починале уште пролетта во текот на избувнувањето на епидемијата на коронавирусот во Њујорк, сѐ уште се чуваа во мобилни мртовечници-ладилници на крајбрежјето во Бруклин.

Њујорк беше жариштето на првиот бран на коронавирусот во САД, каде во најлошите денови беа бележени и повеќе од 700 смртни исходи дневно а повеќе од 3.000 луѓе беа хоспитализирани со заразата. Поради растоварувањето на болничките мртовечници, градските власти ангажираа ладилници во кои ги чуваа привремено телата на починатите.

Според весникот, кој се повика на канцеларијата на шефот на одделот за судска медицина на Њујорк, многу тела сѐ уште не биле погребани, бидејќи или роднините на починатите сѐ уште не биле пронајдени, или тие не можеле да ги платат високите погребни трошоци.