Анкета: ВМРО-ДПМНЕ со убедлива предност пред СДСМ, далеку попозитивно расположение за Мицкоски отколку за Заев

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во моментов ужива сигурна предност пред владејачката СДСМ, а позитивно мислење за нејзиниот лидер Христијан Мицкоски отколку за актуелниот премиер Зоран Заев, имаат речиси двојно повеќе испитаници во истражувањето на јавното мнение коешто го спровело Институтот СИА ВИСТА .

Институтот за стратегии, истражувања и анализи СИА ВИСТА за сопствени потреби направи анкета на јавното мислење. Анкетата е спроведена телефонски во период од 21.12.2020 – 25.12.2020 врз 1.523 испитаници при што е водено сметка за демографската структура и етничката припадност. При анализата опфатени се сите изборни единици. Маргиналната грешка е плус, минус 1.5%.

Нарачател и спроведувач на анкетата е тимот на Институтот СИА ВИСТА, резултатите кои ќе се објават во два дела се користат за потребите на анализите на институтот.

Според податоците од анкетата на прашањето За која партија би гласале доколку изборите се утре, за ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 22,3 отсто од испитаниците, додека СДСМ ја ужива довербата од 18,4 отсто од гласачите. Левица со 4,9 отсто е третата партија од македонскиот табор која котира во ова истражување.

Во албанскиот политички кампус, владејачката ДУИ со 6,1 отсто доверба има мала предност пред опозициската Алијанса за Албанците која има во моментов поддршка од 5,6 отсто од испитаниците. Коалицискиот партнер на Алијанса за Албанците, партијата Алтернатива има рејтинг од 2,7 отсто, додека албанските партии кои гравитираат кон СДСМ, БЕСА односно ДПА уживаат поддршка од 2 односно 0,6 отсто.

За други партии во оваа анкета се изјасниле вкупно 3,5 отсто, не сакале да се изјаснат 14 проценти, на дека нема да излезат на гласање одговориле 19,9 отсто.

 

Во однос на довербата којашто избирачите ја имаат во водечките политичари во замјата воочливо е големата разлика меѓу позитивното и негативното оценување меѓу премиерот Зоран Заев и опозицискиот челник Христијан Мицкоски.

Имено, на прашањето Колку иматер доверба, поточно како ја оценувате работата на следните политичари, за Заев негативно мислење изразиле 70,1 отсто, додека негативно ги оценуваат активностите на Мицкоски 44,2 отсто.

Меѓутоа, двојно повеќе испитаници се изјасниле дека позитивно ја оценуваат дејноста на Мицкоски отколку работата на Заев, или во проценти 50,6 отсто во полза на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ наспроти 25,6 отсто позитувно мислење на претседателот на СДСМ и на владата.

Од другите политичари застапени во овој прашалник се главно министери од владата на Заев, за кои исто така, испитаниците имаат далеку повисоко негативно мислење отколку позитивно.