
На длабочина од 23 метри во Јаванско море, нуркачите пронајдоа делови од индонезискиот „Boeing 737-500“, кој се урна во саботата непосредно по полетувањето од аеродромот во Џакарта со 62 патници и членови на екипажот.
„Сигурни сме дека нуркачите ја испитуваат локацијата каде авионот падна во морето“, рече шефот на службата за цивилно воздухопловство, Хади Тиџханто, додавајќи дека се пронајдени скршени делови од авионот, посмртни останки и облека.
Пресвртна точка во потрагата по авионот на компанијата „Sriwijaya Air“ на летот SJ182 бил кога сонар од воен брод открил сигнал од локаторот на авионот на место за кое претходно се сомневаше дека е местото на несреќата.
Сепак, сè уште не е познато ништо за причините за падот на авионот, а се претпоставува дека нема преживеани.
„Сакам да изразам длабоко сочувство во името на сите индонезиски граѓани за оваа трагедија. Се молиме да најдеме некој што преживеал“, рече претседателот на Индонезија, Џоко Видодо.
Несреќата прво ја пријавиле рибари кои ловеле во водите на Јаванско Море и кои вчера околу 14,30 часот најпрво ја слушнале експлозијата, а потоа виделе голема воден столб и бран како се движат кон нив.
Властите веднаш отворија два кризни центри, еден на аеродромот во Џакарта и еден во пристаништето, а претседателот на авиокомпанијата „Sriwijaya Air“ изјави дека авионот, стар 26 години, бил технички исправен и дека летот доцнел поради лошите временски услови, а не поради проблеми со исправноста на леталото.