
Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден го избра поранешниот амбасадор во Москва, Вилијам Барн за прв човек на Централната разузнавачка агенциja (CIA), објавено е на веб-страницата на тимот на Бајден.
Претходно се очекуваше дека дипломатот од кариера Вилијам Барнс ќе биде предложен за државен секретар, но Бајден позицијата на шеф на американската дипломатија му ја понуди на Ентони Блинкен. Така, доколку Сенатот го потврди именувањето на Барнс, тој ќе биде првиот дипломат од кариера кој ќе застане на чело на CIA, што се истакнува и во соопштението од тимот на демократот.
„Бил Барнс е примерен дипломат со повеќедецениско искуство ширум светот во заштита на нашиот народ и нашата земја. Тој го споеделува моето длабоко убедување дека разузнавачките податоци мора да бидат аполитични“, се наведува во писмената изјава на Бајден кој на 20-ти јануари треба да биде инаугуриран за 46-ти претседател на САД.
Во дипломатска кариера долга 33 години, Барнс беше американски амбасадор во Русија во периодот од 2005 до 2008 година, а во 2009 година беше в.д. шеф на Стејт департментот по оставката на Кондолиза Рајс и пред Хилари Клинтон да ја преземе функцијата. Се пензионираше во 2014 година кога го презема водството на „Carnegie Foundation“, тинк-тенкг за меѓународни односи.
Барнс би ја наследил Џина Хаспел, првата жена на чело на CIA која во 2018 година го наследи на оваа должност Мајк Помпео, кој беше директор од 2017 година, откако претседателот Доналд Трамп го именуваше за државен секретар.