Бајден им порача на Американците – купувајте домашни производи

Американскиот претседател, Џозеф Бајден, го потпиша указот за набавка на американски производи, со што се очекува да се обезбеди поддршка за американското производство и претприемачи.

– Кога купуваме американско ќе набавуваме од цела Америка – од сите нејзини заедници што во минатото беа изоставени од системот за јавни набавки – рече Бајден по потпишувањето на указот.

Клучниот план за обезбедување на иднината, како што истакна, ќе биде купувањето американски производи, пренесе „Гласот на Америка“.

– Ќе ги искористиме парите на даночните обврзници за да ја изградиме Америка – рече Бајден.

Според него, ова е најголемиот чекор напред во областа на инфраструктурата, истражувањето и развојот уште од Втората светска војна.

– Според регулативата, ќе треба да се произведуваат повеќе компоненти во САД – рече Бајден.

Со уредбата се потенцира примената на законот од 1920 година, според кој стоките и производите меѓу американските пристаништа се превезуваат со бродови чии производители, сопственици и оние кои управуваат со нив се американски државјани или граѓани со дозвола за постојан престој, наведува „Гласот на Америка“.