Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, да повика експерти од сите политички партии да учествуваат во Законот за попис, кои ќе вградат во методологијата она што е пропуштено а е клучно, истакна во средата претседателот на Демократскиот сојуз (ДС), Павле Трајанов, во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.
„Јасно е дека сите политички партии во Македонија се за одржување на попис. За да можеме да ги планираме сите стратешки активности на нашата држава. Тоа не е спорно. Но, спорно е друго. Има неколку моменти за кои јас зборував и во парламентот. Тоа е околу разграничување на резидентно и нерезидентно население. Добро е да се попишеме, но објективно мораме да знаеме колку се оние кои живеат овде во Македонија. А тоа не се вгради во овој закон. Затоа предложив од Собраниската говорница, а и вечерва тука експерти од сите политички партии да учествуваат во законот за попис. Директорот на Заводот за статистика да ги повика тие експерти, да ја погледнат методологијата и тоа што е пропуштено, а е битно и клучно да се вгради во методологијата“, рече Трајанов чија партија е дел од владејачката коалиција предводена од СДСМ.