Д-р Кунгуловски: Британскиот сој за неколку месеци ќе стане доминантен во Македонија

Британскиот сој за неколку месеци ќе стане доминантен во Македонија, како што што станува и во многу земји во Европа, изјави денеска д-р Горан Кунгуловски, биоинженер од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина на Клиниката „Жан Митрев“, каде за првпат е утврдено постоењето на овој сој на коронавирусот во земјава.

– Вирусите постојано мутираат. Досега се детектирани илјадници мутации на коронавирусот, некои го ослабнуваат а некои ги менуваат особеностите на вирусот. Овој вирус еволуира многу побавно за разлика од сезонскиот грип. Не знаеме, но најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина за него – рече Кунгуловски.

Тој објасни дека според податоците на британските научници, новиот сој се шири за 70 отсто побрзо од стариот, и ако требало да се заразат 10, ќе се заразат 17 луѓе.

Иако некои податоци велат дека британскиот сој ја зголемува смртноста за 30%, Кунгуловски вели дека за тоа да стане факт треба подетални студии и дека не треба да се крева паника.

– Да бидеме претпазливи, да поимаме дека британскиот сој циркулира кај нас. Најверојатно ќе станува сѐ подоминантен и подоминантен. Да бидеме во постојан мониторинг и во постојана фаза на претпазливост – порачува Кунгуловски.

По препорка од СЗО барем 5 отсто од сите позитивни изолати треба да се секвенционираат за да се утврди мутацијата. Резултатите од секвенционирањето се добиваат за 5-7 дена.

На прашањето за тоа како се заразал првиот пациент во земјава со британскиот сој на вирусот, д-р Кунгуловски вели дека епидемиолозите ќе утврдат дали вирусот циркулирал недела, две-три претходно и дали пациентот имал контакт со некој кој патувал во странство.

– Пациентот бил со средна слика, оздравен е, без никакви проблеми сега-засега. Потребни се стотици или илјадници податоци за да се направи споредба меѓу симптомите на стариот и новиот сој – додава Кунгуловски.

Тој ја повика владата, како и општествено-одговорните фармацевтски компании да помогнат со финансирање на овој скап проект, кој во земјава се изведува само во Клиниката „Жан Митрев“ и во МАНУ.