
Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, предвидува дека недостигот од вакцини против коронавирусот ќе потрае до април, пренесуваат во четвртокот медиумите.
„Ние поаѓаме од тоа дека недостигот од вакцини ќе потрае уште најмалку десет тешки седмици“, рекол Шпан.
Германскиот министер за здравство препорачал состанок на претставници на сојузната и на покраинските влади со претствници на произведувачите на вакцините, за да се договорат за целите и натамошните чекори во процесот на вакцинацијата во Германија.
Во моментов постојат проблеми со испораките на вакцините на американско-германскиот тандем компании „Pfizer/BioNTech“, но и со вакцината на англо-шведската компанија „AstraZeneca“.
Министерот Шпан деновиве е на удар на остри критики во германската јавност поради тоа што вакцинирањето во Германија не се спроведува со посакуваното темпо и брзина. Дневниот весник Bild недостигот од вакцини во четвртокот го нарече „скандалозно“ и како главен виновник за тоа го истакна министерот Шпан кому му префрла дека ја згрешил тактиката во набавката на вакцините.
Во Германија до средината на февраури на сила се острите мерки на „затворање“. Во четвртокот референтниот епидемиолошки институт „Роберт Кох“ забележа 17.553 нови коронаинфекции, што се за околу 3.000 помалку отколку минатонеделниот четврток.
Седумдневната инциденца на заразата првпат од октомври паднала под вредноста од 100. Целта на владините мерки е намалување на инциденцата под 50.
Шпан како охрабрувачко го оцени тоа што во Германија паѓа бројот на заразените, најавувајќи дека училиштата и детските градинки ќе бидат првите кои ќе бидат отворени по завршувањето на целосниот „локдаун“ на 14-ти февруари.
Германија сѐ уште се подготвува да воведе рестрикции за патниците кои доаѓаат од Велика Британија, Јужноафриканската Република и од Бразил, како што соопшти во четвртокот министерството за внатрешни работи, во ситуација кога расте загриженоста поради појавата на новите соеви на коронавирусот кои се позаразни во споменатите земји.