Македонците од Голо Брдо бараат 24-часовна работа на преминот Џепиште-Требиште

Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, на денешната пленарна седница на албанскиот Парламент, ја изнесе загриженоста на македонската заедница од областа Голо Брдо во врска со работата на граничнот премин Требиште – Џепиште.

-Во име на партијата, Македонска алијанса за европска интеграција ја пренесувам загриженоста што ја покренаа жителите на македонската заедница од областа Голо Брдо на средбите што ги имав со нив, во врска со функционирањето на граничниот премин Требиште – Џепиште и потребата за негово 24 часовно функционирање. Функционира како заеднички граничен премин помеѓу Република Албанија и Република Македонија, кај Дебар и е дозволено движење само за лица од локалното население, и не е дозволен премин за лица кои се жители на други области, рече Стерјовски.

Додаде дека преминот функционира 12 часа, но честопати жителите на Голо Брдо (поранешните општини Требиште, Острени и Стеблево) имаат неопходна потреба да се движат и после утврденото време, особено за итни медицински случаи кои се принудени да ги транспортираат во болницата во Дебар,што е многу поблиску.

Според Стерјовски, друг проблем за Македонците од областа Голо Брдо е што овој премин е од локален карактер и само за жителите од пограничниот регион на двете држави.

– Македонците кои живеат во Голо Брдо и на кои во личната карта им пишува дека се родени надвор од регионот на Голо Брдо, како на прмер во градовите Елбасан, Либражд или Тирана не може да поминат на овој граничен премин. Овој проблем ќе се реши кога од локален премин од трета категорија, ќе премине во регионален премин од втора категорија – нагласи Стерјовски.

Посочи дека поради овие причини жителите на областа бараат 24 часовна работа на овој граничен премин.

– Ги повикувам албанската и македонската влада да им помогнат на жителите од областа Голо Брдо, да создадат услови и да овозможат овој заеднички граничен премин што побрзо да проработи 24 часа – побара тој.

Потсети дека владите на двете земји на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година донесоа одлука за тоа, но оти „за жал оваа одлука сеуште не е реализирана“.

Дека преминот е повеќе од потребно да работи 24 часа во повеќе наврати побара и Македонското друштво „Илинден“- Тирана и огранокот за Голо Брдо.

По долгогодишното барање на жителите од двете страни на границата, кои се и роднински поврзани, преминот беше отворен во 2013 година.Тој е од локален карактер, со заедничка полициска контрола и работи од 8:00 до 20:00 часот во летниот период и од 8:00 до 18:00 часот во зимскиот период