
Пет лица загинале поради истекувањето на течен азот во фабрика за храна во близина на градот Атланта, во американската држава Џорџија, а десетмина се хоспитализирани, соопшти локалната полиција.
Според првите информации, пет лица починале на самото место поради истекување на хемикалијата што не предизвикала експлозија, прецизира на прес-конференција претставник на полицијата во Гејнсвил во државата Џорџија.
Несреќата се случила околу 10 часот по локално време во фабрика специјализирана за преработка на живина Prime Pak Foods, во округот Хол.
Меѓу хоспитализираните, тројца се во критична состојба, соопштија властите.
Учениците од околните училишта веднаш биле изолирани во своите училници бидејќи првите информации, кои подоцна се покажале како неточни, укажувале на тоа дека се случила хемиска експлозија.