Пишува уникатни сценарија за „Преспав“, а го освојува и Холивуд – за Александра не постојат граници!

Извонреден македонски талент чие име ја освојува интернационалната филмска сцена, Александра Миланова живее и работи на релација Скопје – Лос Анџелес, а во последните неколку години оствари значаен успех во повеќе филмски жанрови. Моментално е дел од сценарискиот тим на најпопуларната македонска серија „Преспав“, преку кој се докажа како успешен сценарист во светот на комедијата, а веќе неколку години се потпишува и зад сценаријата на најдобрата македонска детска серија „5+ Фамилија“.

„Чувството да напишеш нешто што ќе ја насмее и расположи публиката е незаменливо. Успешноста на серијата се должи пред сè на хуморот, бидејќи публиката е изморена од мелодрами и сака да се насмевне на животот. Тешко е да се функционира во „изгубено“ општество како нашето, но и покрај сите предизвици, во Македонија има луѓе кои не потклекнуваат и успеваат тешките ситуации да ги надминат со шеги и смеа, успеваат да го задржат интегритетот и покрај неправдите со кои се соочуваат, успеваат да креираат во време кога немаат ресурси, успеваат да прозборат кога гласот им се одзема. Токму тие луѓе ми се инспирација и во ликовите се обидувам да ја пронајдам таа нишка на човечност“, посочува Александра.

Успехот на серијата „Преспав“ која моментално урива рекорди на гледаност е дополнителен мотив за Александра да продолжи да придонесува во телевизиската индустрија во Македонија. Иако, како што вели, на почетокот комедијата ѝ претставувала огромен предизвик и дека била скептична околу прифаќањето на ангажманите.

„Преспав веќе петта сезона по ред автентично го прикажува македонското општество и алудира на некои домашни општествени случувања, но и на универзални проблеми. Суштината во секоја од моите епизоди е љубовта. Моите сценарија ги засновам на универзални вистини. Без разлика дали приказната е лоцирана во Македонија или на некое друго место од светот, секој може да разбере љубов, жртва, предавство, измама. Поврзувањето со македонското општество произлегува од ликовите и како тие реагираат на овие ситуации“, вели Александра.

Меѓутоа ова не е прв филмски предизвик за Александра. Имено во 2016 година Миланова напиша психолошки трилер за шведскиот режисер Никлас Бергрен, насловен „Верна“ (Faithful), и истиот беше продуциран како краток филм, а подоцна и прикажан во најпознатата продукциска компанија Ворнер Брос (Warner Bros). Докажаниот шведски режисер Бергрен бил восхитен за талентот на Александра, за која вели дека е неверојатно талентиран сценарист. Како што Бергрен досега има изјавено Александра дефинитивно знае како да креира приказна што допира до секој човек и секоја креативна дискусија со неа му причинувала огромно задоволство. За кратко време трилерот „Верна“ освои бројни награди за најдобар наративен филм, најдобар филм, најдобра драма, најдобар режисер, најдобра актерка и најдобра кинематографија на фестивалите „Независен филмски фестивал Лос Анџелес“ и „Лос Анџелес филмски награди“.

„Успехот на филмот е одраз на меѓусебната доверба и заедничката визија што ја делиме со Никлас. Ние имаме вкусови кои се надополнуваат и имаме голема среќа што ни се вкрстија патиштата во Холивуд. Никлас маестрално ја преточи приказната од хартија на филмското платно“, вели Александра.

За кратко време Александра забалежува уште едно значајно достигнување со краток хорор филм насловен „Фотобомбд“ (Photobombed) кој исто така успева да ги собере наградите од жирито и публиката на „Бламхаус интерн филмски фестивал’. Хоророт „Фотобомбд“ кој е продуциран во Холивуд, подоцна станал дел од повеќе хорор фестивали и бил прикажуван  во САД и Англија. Компанијата „Бламхаус“ која ги создаде најголемите хорор франшизи во последниве неколку години, како што се филмовите  Паранормална Активност (Paranormal Activity) и Злокобен (Sinister), му даде омаж на „Фотобомбд и го објави на официјалната Фејсбук страница. Филмот за само два дена го срушил рекордот на најгледано видео, надминувајќи 100.000 прегледи.

Нашата надарена сценаристка се има закитено и со награди и признанија во Лос Анџелес пишувајќи драми. Само минатата година има добиено четири признанија на најпопуларните натпревари за сценарио во САД, како СкринКрафт (ScreenCraft) и ВиСкринплеј (WeScreenplay). Сценариото на Александра од страна на ВиСкринплеј било оценето како одлично пилот-сценарио со високи влогови, кое успева многу добро да го постави светот на приказната, ликовите и нивните цели и било посочено како исклучително ефикасен пример на пишување приказна, одлично спакувано од страна на сценаристот за да го постигне точно она што треба.

По работата на 5+ Фамилија и Преспав следните стремежи ја водат Александра кон американската комедија. Притисокот што е наметнат во овој жанр и високите очекувања не претставуваат тежина, туку напротив, се само храна за нејзината неисцрпна желба да твори.

„Тоа што веќе имав успех со пишување драми во американскиот систем ме брендира како таков сценарист, но не е невозможно да се транзитира во комедија или да се работи во двата жанрови. Веќе го напишав моето прво сценарио-комедија на англиски и добив многу позитивна критика“, објаснува Александра.

Александра не ги избира жанровите стратегиски и прагматично, туку според она што го чувствува длабоко во себе. Не ја исклучува можноста во иднина да напише и драмедија.

„Западот се стреми кон специјализација во една област, но Македонците нè се Македонци, ако не се експерти во сè“, вели на шега Александра и додава дека сите одлуки ги базира на она што го чувствува како вистина, без разлика што диктира пазарот и како функционира системот. Понекогаш, вели тоа значи и поголем ризик, но и дека тоа е дел од работата.

Александра оптимистички гледа кон животот и не верува дека постојат невозможни нешта. Една од нејзините главни цели е да ги инспирира луѓето преку нејзините приказни, лични и фиктивни, и да им покаже дека секој може да го постигне она што го посакува. Смета дека најважниот фактор за нејзиниот успех е тоа што работи од срце, а најсреќна е кога со нејзините зборови и сценарија ги мотивираат луѓето.