Рекорден број починати од Covid-19 за 24 часа во светот, се шират соевите

Пандемијата од коронавирусот предизвикува сѐ повеќе жртви во светот, според податоците кои ги пријавуваат националните влади, а новиот црн рекорд со повеќе од 18.000 починати во изминатите 24 часа беше забележан во средата, додека новите соеви на вирусот SARS-CoV-2, кои се значително позаразни, незапирливо се шират во нови земји.

Во трката по вакцината против Covid-19, која претставува зрак на надеж во незапаметената здравствена криза на светско ниво а која и натаму се влошува, еден од производителите англо-шведската компанија „AstraZeneca“ беше во центарот на вниманието и тензиите со ЕУ поради нејзините најави дека ќе мора да ги намали дури за над 60 отсто испораките на вакцината. Проблеми со производството и намалени испораки најавија и американските производители „Pfizer“ и „Moderna“. Но светот, посебно во медиумите на Западот, и натаму се игнорираат руските и кинеските вакцини против коронавирусот.

Иако од ден во ден ситуацијата е сѐ потешка. Вкупниот број официјално пријавени случаи на заразата со коронавирусот во светот надмина 100 милиони, а Светската здравствена организација (СЗО – WHO) предупреди во средата дека новите соеви на коронавирусот и натаму се шират. Британскиот сој се прошири во 70 земји, вклучително и во Македонија, а јужноафриканскиот во 31 држава, додека за бразилскиот освен Јапонија досега нема други пријави.

Првпат од избувнувањето на пандемијата, во пресокот за деноноќието од вторник кон средата беа пријавени 18.109 смртни исходи, покажуваат податоците кои во средата вечерта ги сумираше агенцијата AFP врз основа на извештаите на националните здравствени власти.

Оваа бројка го потврдува трендот забележан на почетокот од јануари, односно остар пораст на смртноста, брзо надминување на дневните рекорди на починатите и израмнување на кривата на сѐ поголеми висини. Или, во просек, 14.00 починати на ден од 22-ри јануари, наспроти 10.000 кон крајот на ланскиот ноември. Во светот, според овие податоци, како последици од компликациите предизвикани од Covid-19 починале 2,16 милиони луѓе.

Таквата ситуација ги тера владите да изнаоѓаат нови обиди да ја стивнат ситауцијата. Во Велика Британија, првата европска земја којашто надмина 100.000 починати, владата објави дека лицата со постојан престој во Обединетото Кралство кои доаѓаат од ризичните земји ќе мора да одат во карантин во хотел.

Со оваа одлука се опфатени патниците од 22 земји, каде соевите на вирусот претставуваат ризик за јавното здравјство, како што се Јужноафриканската Република, Португалија и земјите од Латинска Америка. Доаѓањата од овие земји веќе се забранети за лицата кои немаат постојан престој јво Обединетото Кралство.

Ваквите патници ќе бидат прифаќани на аеродромите и „веднаш пренесувани“ во хотел, додаде премиерот Борис Џонсон. Тој е цел на критики поради наводно потценување на димензиите на кризата на која наводно предоцна реагирал со „затворање“ на земјата, а летоска пребрзо започнал со олабувањето на рестрикциите без да ги земе предвид препораките на стручњаците, со цел да ги намали големите штети и загуби на британското стопанство.