Шестосед-жичница ги поврза Мал Јелак и врвот на ски-лифтот Ајдучка Рамнина на Попова Шапка

Во скијачкиот центар Попова Шапка денеска првпат сезонава беше вклучена во работа новата шестосед-жичница „Лајтнер“, а нејзиното користење на првиот ден беше бесплатно за посетителите.

Според најавите од ЕЛЕМ Турс кој стопанисува со скијачкиот центар, шестоседната жичница ќе работи редовно, како и останатите ски-лифтови и жичници од 9 до 15.30 часот. Цената за едно возење на шестоседната жичница од утре е 150 денари, а за сите билети во Ски-центарот се наплаќа повратна кауција во висина од 200 денари.

Станува збор за супермодерна жичница, единствена од ваков вид во земјава. Должината на трасата на жичницата е 1510 метри, со максимален капацитет за транспорт од 2400 скијачи на час. Шестоседната жичница е позиционирана на локацијата од Мал Јелак до врвот на ски-лифтот Ајдучка Рамнина (поранешно Ге). По трасата на новата жичница ќе се овозможат нови ски-патеки во должина од над три километри.

Директорот на ЕЛЕМ Турс Адем Авзиу посочи дека имаат добри идеи и планови како да го средат ски центарот да биде добар и да изгледа светски и додаде дека му е драго што имаат поддршка од страна на министерот и од Владата за идните инвестиции што веќе ги имаат испланирано.

– За оваа сезона планираме да инвестираме во делот на јавните тоалети во ски центарот и ќе се обидеме да ги одржиме во кондиција актуелните ски лифтови, но и да ги поправиме условите за да бидат во функција цела сезона. Таму каде што ќе имаме потреба да направиме нови инвестиции веќе имаме планови, имаме стратегија, имаме физибилити и во зависност од средствата што ги имаме на располагање ќе продолжиме со реализација на проектите – рече Авзиу.