
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10,30 часот ќе продолжи судскиот процес кој Обвинителството го покрена против новинарот и уредник на порталот Лидер.мк, Љупчо Златев, за наводно оддавање државна тајна, кој најавува приложување докази во негова полза.
Златев очекуваше дека судот ќе се одважи и ќе го отфри обвинението, бидејќи самото обвинение, според него, содржи барање за цензура на слободата на изразување.
Станува збор за објавен текст поткрепен со документи како докази кои покажуваат како всушност се селектираат кадри од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), односно во идната Агенција за национална безбедност АНБ).
„Обвинителот Јован Серафимовски сѐ уште нема храброст да го повлече обвинението во кое ме товари затоа што сум објавил документ кој сведочи за злоупотреби во УБК со кои вработен изгубил безбедносен сертификат затоа што неговиот татко лажно бил класифициран како терорист и претседател на (движењето) ‘Тврдокорни’ а што не е.
Серафимовски нема храброст да се спротистави на политичката нарачка за мој отстрел која очигледно му ја даваат министерот за правда Бојан Маричиќ, директорот на АНБ Виктор Димовски и премиерот Зоран Заев лично. Очигледно да им удоволи на овие тројца моќници му е поважно од тоа да ја спроведува правдата“, наведува Златев во пресрет на денешното рочиште.
Притоа потсетува дека во објавениот напис стои дека вработениот во УБК ја загубил работата само затоа што неговиот татко лажно бил класифициран како „терорист“, а поради тој текст, сега тој судски е гонет
Златев најавува дека со неговата одбрана ќе ги поднесат доказите и сведоците во негова одбрана.
„Верувам дека ќе стигнам до правдата и на крајот демократијата и јавниот интерес ќе победат над злоупотребите во тајните служби. Огромна благодарност до сите домашни и меѓународни фактори кои во изминатиот период ми даваат поддршка. Вина никогаш нема да прифатам и ако ова е кривично дело јас сум подготвен да го повторам, затоа што службите не смеат да постапуваат незаконски. Демократијата и слободата треба да бидат над сѐ“, порача Златев.
Обвинтелството во својата објава лани наведе дека на 9 јули и 12 јули 2020 година на интернет порталот на кој Златев е уредник како и на фејсбук страницата од истиот медиум, објавил текст во кој сторил достапни копии од документи од Управата за безбедност и контраразузнавање, кои според ОЈО се класифицирани информации затоа што се однесуваат на оперативна проверка на лице.
Во јули минатата година во врска со овој случај реагираа со заедничка објава Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) кога изразија загриженост во врска со Обвинителниот предлог против Љупчо Златев за наводно сторено кривично дел „Оддавање на службена тајна“.
„Загрижува фактот што Основното јавно обвинителство секогаш е проактивно кога има пријава од страна на државна институција во делот на слободата на изразување, а кога има барања за кривични постапување за прекршување на правата на новинарите, истите најчесто ги отфрла. Во случаи кога ОЈО ќе отвори истрага по пријава од новинарските организации или група на новинари, овие случаи речиси никогаш не ни стигнуваат до Кривичниот суд или се влечат со години, за разлика од овој случај, каде практично за две недели ОЈО има завршена истрага и покренува обвинителен предлог“, наведоа тогаш двете новинарски организации.
Укажаа и на важноста на процената за јавниот интерес во вакви случаи.