
Целава ситуација со вакциниве некако соодвествува со карактеристиките на драмата „Чекајќи го Годо“, пишува на социјалната мрежа на Фејсбук Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
„Чекајќи го Годо“ е антидрама (театар на апсурдот), која претставува празнина, чекање како празно дејство. Во неа има низа дејствија и низа дијалози кои не претставуваат ништо – само празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде.
Во оваа драма (како и во нашата) сè е релативно. Времето, местото, па и ликовите. Времето е денес, утре и вчера, а можеби и не е. Самите ликови не знаат дали чекале вчера или некогаш порано, а и утре можеби ќе чекаат, ако стигнат на време. Местото е покрај некое дрво, кое можеби е грмушка. Апсурдот на релативизирањето оди до таму што не е сигурно дали е тоа вистинското место каде што се договориле да се чекаат и дали и вчера биле тука или првпат доаѓаат.
Идејата е во бесмислата на животот која сепак е поткрепена со надеж за подобра иднина и пронаоѓање на смислата. Надеж, дека утре ќе биде подобро, дека утре можеби ќе дојде Годо.
Во современото општество во кое е карактеристично отуѓувањето на луѓето, ликовите насликани во драмата се типични. Неразделните врски се такви поради навиката и неиницијативноста. Често се дружиме со истите луѓе, зашто ни е тешко да наоѓаме нови, одново да ги запознаваме и да се зближуваме. Тешко е да се направи чекор напред. Посигурно ни е да седиме и да чекаме, отколку да го направиме чекорот кон неизвесното и новото.
Дали навистина не постои излез?
Изборот што го правиме е слободен, никој не нè ограничува, освен самите ние!!!
А во вториот случај, иако изборот на претпоставените не го правиме, не значи дека мора безусловно да го трпиме јаремот што ни го наметнуваат, а со тоа целосно да го изгубиме нашето достоинство.
Во модерното општество сите ние сме на некој начин Среќко, а малкумина се Поцо, вели МИтева во својата објава.