
Во дербито од 22-то коло на италијанското првенство фудбалерите на Наполи, за кои речиси целото второ поливреме го одигра македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас, го победија актуелниот шампион Јувентус, но новакот во лигата Специја направи изненадување и со 2:0 го совлада водечкиот Милан.
Тимот кој оваа сезона настапува првпат во првата италијанска лига на свој терен во последниот саботен меч целосно го надигра фаворизираниот и реномиран гостински тим.
Специја до победата дојде со погодоците на Џуио Маџоре во 56 и Симоне Бастони во 67 минута, и двата по асистенции на Естевез. Аргентинецот во 56 минута се прошета низ одбатаната на Милан и ја остави топката за Маџоре кој од пет метри ја погоди небранетата мрежа. Десет минути подоцна Естевез изведе слободен удар од работ на шеснаесетникот, додаде до Бастони кој со силен удар го совлада Донарума.
Специја со оваа победа скокна на 14-то место со 24 бодови, колку што имаат и 12-от Удинезе, 13-та Болоња и 15-от Беневенто, девет бодови повеќе од зоната на испаѓање. Милан остана и натаму на првото место со 49 бодови, но сега е загрозен од клупскиот ривал Интер кој има два бода помалки, но во недела вечер игра како домаќин со Лацио.
Единствениот погодок на натпреварот во Неапол го постигна Лоренцо Инсиње во 31 минута од пенал. Најстрогата казна ја направи ветеранот во торинската „Стара дама“, Џорџо Кјелини кој невнимателно и сосема непотребно со отворена дланка го погоди во лицето Рахмани, што беше потврдено по прегледот на ВАР-от. Во второто полувреме Јувентус ја имаше целосно доминацијата на теренот, создаде неколку изгледни шанси но неговите стрелци, особено Кристијано Роналдо немаа свој ден.
Наполи моментално е на четвртото место, последното коешто директно води во Лигата на шампионите, со 40 бодови од 21 натпревар, колку што имаат и петтопласираната Рома и шестиот Лацио кои натпреварите од ова коло ќе ги играат в недела. Јувентус, кој има исто така еден неодигран натпревар токму со Наполи на свој терен, остана на третото место но сега со десет бодови зад водечкиот Милан.
Џенова, за која првото полувреме го одигра македонскиот репрезентативен капитен Горан Пандев, освои важен бод на гостувањето кај Торино во настојувањата да се оддалечи од зоната на испаѓање од Серија А.
Торино со ова петто последователно реми во Серија А ја продолжи серијата од седум кола без победа, додејка Џенова ја прекина низата од три последователни победи, но серијата без порази ја продолжи на шест кола. Ова беше 11-ти меч на Торино на домашен терен кој натаму е без победа на својот стадион: седум пати ремизираше, а четири пати беше поразен.
Со овој бод Џенова стаса на 11-то место на табелата со 25 бодови, додека Торино остана на 17-то место со 17 бодови, два бода над зоната на испаѓање.
Во недела играат Рома – Удинезе, Калјари – Аталанта, Сампдорија – Фиорентина, Кротоно – Сасуоло и Интер – Лацио, а во понеделник колото ќе го затвори дуелот Верона – Парма.