
Засега не треба да се размислува за други мерки и рестрикции за спречување на ширењето на британскиот сој на ковид-19 вирусот, изјави министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во дневникот на телевизија Сител.
– Иако бројките не се ниски нема драстичен скок, нема голем кластер низ градовите. Ја следиме состојбата во Скопје и другите градови ги следиме како посебни епидемиолошки региони, застапеноста на британскиот сој на вирусот расте, сега е некаде околу 20 отсто, најмногу во Прилеп и Охрид. Во тие центри не приметуваме зголемување на бројот на пациенти. Точно е и тоа е утврдено дека полесно се пренесува, според некои публикации можно е болеста да е полесна, според некои други публикации е потешка, тоа не може се уште со точност да го утврдиме. Кај нас има 30-тина детектирани соеви на вирусот, близу 1000 ширум светот – истакна Филипче.
Тој нагласи дека засега во земјава не се регистрира влошување на епидемиолошката ситуација, но таа сепак внимателно се следи.
– Секогаш апелираме граѓаните да ги почитуваат мерките, сега е тоа од посебно големо значење – потенцира Филипче.