
Принцот Ернст Аугуст фон Хановер го тужеше својот син со кого со години има несогласувања да му ги врати семејните имоти коишто претходно му ги подарил, објави во вторникот судот во Хановер.
„Од крајот на 2020 година принцот Ернст Аугуст од Хановер преку судот бара од својот син, принцот наследеник Ернст Аугуст од Хановер, да му го врати дворецот Мариенбург, поседот на семејството Калнеберг и палата Херенхаусен во Хановер“, се наведува во соопштението на судот.
Шеесет ишестгодишниот највозрасен во моментов член на германската династија, едно од најголемите аристократски семејства во Европа, бара да се поништат договорите за подарување на неговиот 37-годишен син од 2004 и 2007 година.
Ернст постариот го обвинува Ернст помладиот дека „тешко го повредил правото, сопственоста и интересите на тужителот“, обидувајќи се да ја преземе целосната контрола над родот и куќата Хановер со исклучување на таткото.
Тужителот вредноста на имотот ја проценил на околу 5 милиони евра. Принцот Ернст постариот беше во брак со принцезата Каролина од Монако од којашто се разведе во 2009 година.
Синот неговите наводи во тужбата ги смета за „лажни и неосновани“ и не сакал да ги коментира поединостите од почит кон семејството, како и да го „заштити својот татко“, изјавил Ернст помладиот за службената германска новинска агенција DPA.
Принцот Ернст Аугуст од Хановер со години е во конфликт со синот кого го осомничил за растурање на семејниот имот во Германија, особено на терените и шумите во сојузната покраина Долна Саксонија. Поради несогласувањата, синот не го повикал на венчавката во 2017 година со руската модна креаторка Екатерина Малишева.