Медиумите ја повикуваат канцеларката Меркел да се вакцинира против Covid-19

Германските медиуми ги повикуваат политичарите да се вакцинираат против коронавирусот, и со тоа да ги поттикнат граѓаните на вакцинација, бидејќи е видлива  воздржаноста на Германците кон вакцините.

Весникот Bild ја повика канцеларката Ангела Меркел да се вакцинира и со тоа да биде пример за другите. Весникот го наведува податокот објавен во средата дека кај Германците, во прв ред, постои недоверба во вакцините на „AstraZeneca“.

Весникот посочува дека досега се употребени само 11 отсто од испорачаните дози на вакцината што ја ја развија англо-шведската фарамцевтска компанија „AstraZeneca“ и Универзитетот Оксфорд.

Во сојузната покраина Баден-Виртенберг биле доставени 100.800 дози вакцини, а само 309 биле аплицирани, додека во покраината Бранденбург ниту една вакцина не е искористена.

„Она што недостасува е довербата. Потребни се примери за вакцинација, пред сѐ, од канцеларката Меркел“, се истакнува во написот во Bild.

Весникот потсетува дека Меркел најави дека ќе се вакцинирана кога ќе ѝ дојде редот, и дека од нејзиниот кабинет е посочено дека таа сѐ уште не отстапува од таа изјава.

Заменик-шефот на парламентарната група на либералната Партија на слободата на Германија (FDP), Мајкл Тоер, истакна дека сигурно би било позитивен сигнал доколку Меркел и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер јавно се вакцинираат.

Bild потсетува дека американскиот претседател Џо Бајден и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху,беа вакцинирани пред камерите и дека тие земји имаат далеку поголема стапка на вакцинација од Германија.

Германската влада од 27-ми декември досега вложила 25 милиони евра во кампањата за имунизација на населението.